Клучни приоритети и предизвици на младите во Општина Штип
Во рамки на онлајн анкетата спроведена со млади лица од Општина Штип, со цел подобро разбирање на нивните потреби, интереси и приоритети, испитаниците беа замолени да наведат од една до три теми или проблеми кои ги сметаат за најважни за младите во заедницата.
На прашањето одговориле вкупно 71 испитаник (63 женски, 7 машки и 1 испитаник кој не навел род), врз основа на што се добиени јасни приоритетни области кои ја отсликуваат моменталната состојба и предизвиците со кои се соочуваат младите.
Најзастапена тема е образованието (34 спомнувања), при што значаен дел од одговорите ја нагласуваат потребата од поквалитетен образовен систем. Следуваат неформалното образование (20) и можностите за вработување (17), што укажува на силна ориентација на младите кон личен и професионален развој.
Како значајни теми понатаму се издвоени:
Култура (15)
Раст и развој преку младински активности (10)
Недостаток на младински активности и инфраструктура (8), вклучувајќи недостиг на функционални младински и културни простори
Ниско ниво на младинско учество во донесување одлуки (7)
Недоволна информираност на младите (6)
Младински стандард (6)
Недостиг на можности за младите (5)
Екологија (4)
Спорт (3)
Иселување на младите (3)
Покрај овие, испитаниците навеле и неколку поединечни, но значајни теми како што се безбедност, сајбербулинг, локален младински совет, еднаквост, потреба од промена на пристапот кон младинска работа и развој на чувство на одговорност кај младите.
Овие наоди претставуваат важна основа за креирање на идни младински политики и интервенции на локално ниво.
Оваа активност е во рамки на суб-грантираниот проект „Action Girls! - Девојки во акција!“, кој се спроведува во рамки на проектот „Од несвесни за различностите до трансформативни локални заедници кои ја препознаваат различноста и инклузивната еднаквост“, имплементиран од Сојуз – Национален совет за родова рамноправност, во партнерство со Полио плус – Движење против хендикеп и Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ), а финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.