Три најважни приоритети на младите во Општина Штип

Во рамки на онлајн анкетата спроведена со млади лица од Општина Штип, со цел подобро разбирање на нивните потреби, интереси и приоритети, испитаниците беа замолени да наведат од една до три теми или проблеми кои ги сметаат за најважни за младите во заедницата.
На прашањето одговориле вкупно 71 испитаник (63 женски, 7 машки и 1 испитаник кој не навел род), врз основа на што се добиени јасни приоритетни области кои ја отсликуваат моменталната состојба, но и пошироките предизвици со кои се соочуваат младите.
Резултатите покажуваат дека младите во Штип имаат јасно изразени потреби поврзани со образованието, развојот на вештини и можностите за вработување, што укажува на силна ориентација кон личен развој, економска сигурност и подобрување на идните перспективи.
Како најважен приоритет се издвојува образованието. Младите ја нагласуваат потребата од поквалитетен и пофункционален образовен систем, кој ќе овозможи подобри услови за учење, повеќе практична настава и поголема усогласеност со реалните потреби на пазарот на труд. Овој наод укажува дека образованието се перцепира како клучна основа за личен развој и идни можности за вработување.
На второ место се наоѓа неформалното образование. Младите сè повеќе ја препознаваат важноста на дополнителните форми на учење, како обуки, младински размени, волонтерство и работилници. Неформалното образование се гледа како значаен простор за стекнување практични вештини, самодоверба и личен развој, кои го дополнуваат формалниот образовен систем.
Третиот најзначаен приоритет се однесува на можностите за вработување. Младите укажуваат на ограничени можности за квалитетно вработување и стабилен професионален развој. Овој предизвик е тесно поврзан со нивната иднина и одлуката за останување или заминување од локалната заедница, што ја нагласува важноста на економските и развојните политики за младите.
Во целина, резултатите покажуваат дека младите во Општина Штип јасно ги препознаваат клучните предизвици, но истовремено нудат и насоки за подобрување, особено во насока на унапредување на образованието, проширување на можностите за учење и зајакнување на вработливоста.
Оваа активност е во рамки на суб-грантираниот проект „Action Girls! - Девојки во акција!“, кој се спроведува во рамки на проектот „Од несвесни за различностите до трансформативни локални заедници кои ја препознаваат различноста и инклузивната еднаквост“, имплементиран од Сојуз – Национален совет за родова рамноправност, во партнерство со Полио плус – Движење против хендикеп и Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ), а финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Три најважни приоритети на младите во Општина Штип

  • Што? Три најважни приоритети на младите во Општина Штип
  • Кога? 26 Март, 2026
  • Разгледај нешто повеќе: