Recap на феврури - месецот на извидништвото!
Секоја година на 22 февруари се одбележува уште една година извидничко движење ширум светот, но оваа година одбележуваме уште 2 јубилеја и тоа: 70 години извидници во Македонија и 5 години ИО Еквинокс во Штип!
По тој повод јубилејно оваа година месец февруари го посветивме на организирање низа активности под мотото #НаправиДоброДело!
За почеток иницијативата ,,Ако имаш донеси, ако немаш понеси'' беше проширена на уште 2 локации во нашиот град. Потоа продолживме со идејата #ПредизвикајНасмевка каде се потрудиме да изнудиме насмевка со активности организирани со различни групи на деца и млади како и изненадување за нашите најмали. Она по што се карактеризира 22 февруари е крводарителските акции во сите градови каде што има извидници, па така и штипјани се покажавме како одлични хуманисти кои несебично направија добро дело и даруваа капка живот.
Покрај големиот број активности ширум државата, 22 февруари собра повеќе од 400 извидници на „Могила на непобедените“ во Прилеп кадешто на симболичен начин церемонијално и официјално се одбележа овој важен ден во нашите извиднички календари.
#ОсветлиЈаПланината беше слоганот под кој го осветливме врвот „Водно“, но и нашата тврдина „Исар“ и ја одјавивме оваа низа активности за кои сме сигурни дека претставуваат дополнителна мотивација и кураж за сите извидници кои живееме под мотото #СоздавамеПодобарСвет!